Еве зошто Надал може, а Ѓоковиќ не може да започне со тренинзи

|

Како и сите останати спортисти, и тенисерите полека започнуваат со своите секојдневни рутински тренинзи. Конечна одлука околу остатокот од тековната сезона се уште се чека, но како што се расчистува ситуацијата, така работите ќе бидат појасни за првите луѓе на АТП и ВТА.

Двата најдобри тенисери Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ се наоѓаат во Шпанија. Првиот од нив од понеделник ќе започне со тренинзи, но вториот ќе мора да почека на дозвола од надлежните власти.

Причината е тоа што Шпанецот се наоѓа во Мајорка, која е дел од „фаза 1“ на релаксирани мерки. Вториот светски рекет ќе мора да почитува посебни правила (сопствени топчиња, избегнување да се фаќа топчето со раце, носење маски и ракавици при влегување во тренинг кампот…).

Србинот, пак, се наоѓа во Марбеља, која припаѓа на „фаза 0“. Во неа мерките се построги и поригорозни и во неа засега не се дозволени целосни тренинзи на тениски терен.

Надал и Ѓоковиќ и оваа година се очекува да водат борба за најголемите трофеи, секако доколку истата не биде целосно поништена.