Најновиот извештај од „2020 Ројтерс Институт за дигитални вести“ (2020 Reuters Institute Digital News), покажува дека Инстаграм ќе го престигне Твитер како извор на вести и информации.
Во истражувањето се наведува дека употребата на вести на апликацијата за споделување фотографии и видеа од 2018 година е двојно зголемена.
Овој тренд е најсилен меѓу младите. Во извештајот се наведува дека речиси четвртина од младите луѓе на возраст меѓу 18 и 24 години од Велика Британија го користат Инстаграм како извор на информации.
Сепак, социјалните мрежи се меѓу изворите во кои испитаниците имаат најмалку доверба, пренесува Би-Би-Си.
Само 26 проценти од луѓето изјавиле дека им веруваат на социјалните мрежи како извор на информации. Сличен процент од луѓето изјавиле дека веруваат во вестите што се споделуваат преку апликации за разговор како „Фејсбук месинџер“ и „Воцап“.
Од друга страна, околу 59 проценти од испитаниците имаат доверба во националните влади и новинарските организации.
Инстаграм сега го користат повеќе од една третина од луѓето кои одговориле на анкетата и две третини од луѓе на возраст од 25 години, а 11 проценти го користат Инстаграм за вести, што ја става оваа социјална мрежа само едно место зад Твитер.
– Инстаграм стана многу популарен кај помладите луѓе, изјави шефот на истражувањето, Ник Њумен, додавајќи дека младите реагираат навистина добро на приказните кои се визуелно едноставни и добро раскажани
Њумен додаде дека тоа не мора да значи дека еден извор ќе замени друг, туку дека корисниците почнуваат да користат комбинација на извори, како на пример Фејсбук и Инстаграм или Твитер и Инстаграм.
Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук (како и Воцап), сега секоја недела допира до 85 проценти од луѓето. Доминацијата што ја презема од Твитер се објаснува со начинот на кој се пласираат информациите.