Спасовски очекува отворање на градинките по целосен скрининг на вработените

ИЗВОРНов лист
|

Техничкиот премиер Оливер Спасовски очекува градинките да се отворат навремено кога ќе биде завршен комплетно скринингот и кога ќе се почувствува дека и децата и вработените во градинките ќе бидат безбедни.

Тој информира дека вчера од Министерството за здравство бил известен оти уште некој ден ќе заврши целосниот скрининг на сите вработени во градинките, по што, најави, ќе се разговара прво во Комисијата за заразни болести, а потоа и во Владата за денот на отворањето на градинките.

– Што повеќе почитуваме мерки, држиме дистанца, што повеќе носиме заштита опрема, толку повеќе ќе се враќаме во нормалниот живот во државата. Ова е болест со која ќе мора да се научиме да живееме и понатаму, меѓутоа одговорното однесување мора да придонесе сето тоа да биде во рамки што може да ги поднесе и здравствениот систем и државата, – изјави Спасовски.

Tој заедно со заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ направија увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Драчево, општина Кисела Вода.

Спасовски апелираше до граѓаните сите работи што ги предлага Комисијата, а како одлуки ги носи Владата да бидат испочитувани.