До крајот на јули може да се аплицира за добивање на субвенции

|

Започна да тече рокот за поднесување на барања за добивање на субвенции за земјоделството, а крајниот рок за доставување на барањата е до 31- ви јули 2020 година.

Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој може да се аплицира за директни плаќања за растително производство и тоа
– полјоделски и градинарски култури
– лозови и овошни насади

Покрај полјоделците, барања за финансиска поддршка ќе можат да поднесат и сточарите, односно одгледувачите на овци, кози, крави, свињи, а со посебна програма се опфатени и кланиците за животни.
Аплицирањето ќе се врши електронски на сајтот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој:

www.ipardpa.gov.mk

Барателите на финансиска помош ќе треба прво да се регистрираат на веб-страната на Агенцијата, а доколку имаат потреба од помош, можат да се обратат и до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, напоменуваат дека поради тоа што оваа година аплицирањето ќе биде по електронски пат, барателите на средства да бидат дополнително внимателни при внесувањето на податоци како би се избегнале понатамошни проблеми поради податоци кои не се точни или не се совпаѓаат. Поради ова, оставена е можност, секој апликант да изврши повлекување на апликацијата или измена на податоците во истата во рок од 30 дена од нејзиното поднесување.