Специјални балони со 4Г антени на небото во Кенија

|

Мрежа на огромни балони кои имаат 4Г антени лебдат на небото над Кенија, поставени од страна на сестринската фирма на Гугл, Лун (LOON). Овие балони се решение со кое ќе се обезбеди пристап до Интернет во оддалечените области на Кенија.

На овој начин ќе се обезбеди покриеност со 4G мрежа за луѓето да можат да остварат говорни и видео повици, да пребаруваат на Интернет, е-пошта, текст и видео клипови.

Проектот беше објавен пред две години, но конечната дозвола од кениската влада беше издадена дури сега.

Интернет-услугата на балони со 4G антени е тестирана со 35.000 клиенти и првично ќе опфати регион што се протега на 50.000 километри квадтратни.

35 балони на соларна енергија ќе бидат во движење постојано во стратосферата над источна Африка на 20 км над земјата. Тие се лансирани во САД и патуваа кон Кенија со помош на струење на ветеровите.

Еден тест на услугата покажа дека брзината на преземање на податоци при користење на интеренетот кој го зрачат овие балони изнесува 18.9Mbps (мегабити во секунда) а брзината на испраќање на податоци е 4,7Mbps.

Лун (LOON) започна како проект на Гугл во 2011 година. Во 2018 година, се здружи со Телком Кенија за да почнат со обезбедување на комерцијални услуги.

Според главниот извршен директор на ЛУН, Аластер Вестгарт „Ова е кулминација на долгогодишната работа и соработка помеѓу ЛУН, Телком и Владата“.

Главниот извршен директор на Телком Кенија, Муго Кибати, рече дека тоа е „возбудлива пресвртница за обезбедување на интернет услуги во Африка“.

„Балоните ќе можат да понудат поврзаност со многумина кенијци кои живеат во оддалечени региони“ рече тој.

Некои критичари велат дека би било подобро ваквиот проект да се изведе во друга африканска земја, која е во полоша ситуација, затоа што Кенија веќе брои 39 милиони корисници на интернет од вкупно 48 милиони луѓе во државата.

Претходно балоните од Лун се користеа за време на земјотрес во Перу.