Традиционално на овој ден, кој се слави во цела Македонија, во многу места низ Македонија има големи собири на кои народот и верниците ја слават Пресвета Богородица.
Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Хеортологијата ни дава податоци дека во почетокот се славел само еден сеопшт Богородичен празник, кој доаѓал веднаш после Божик (денес тоа би бил празникот „Собор на Пресвета Богородица“, втор ден Божик), и кој веројатно опфаќал повеќе важни настани поврзани со Пречистата Богородица. Од овој празник посветен на Богомајката подоцна се издвоил празникот Успение. Имено, најпрвин во Ерусалим и во палестинските манастири започнал секоја година да се слави тој општ празник на Богородица, што се гледа од еден Панигирик од 530 год., во кој се вели дека денот на Богородица низ палестинските манастири се прославува со голема свеченост. Но, овој Панигирик не ни дава податоци кога се слави овој спомен и дали воопшто се славел споменот на Успението на Богомајката или само годишниот општ спомен. Од еден стар ерменски Лекционар, пак, дознаваме дека „15 август е денот на Марија Богородица“. Но, и овој документ не ни дава податок дали се славело Успението или општиот годишен празник. Дури подоцна, во VI односно VII век празникот Успение Богородично конечно се издвоил, и започнал да се празнува на 15 август, најпрвин во старата црква во Гетсиманија посветена на Успението на Богородица, подигната за време на царот Маркијан (V век).
Воведувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во Византија, му се припишува на царот Маврикиј (VI – VII век), а веројатно во знак на победата која тој на 15 август, по застапништвото на Божјата Мајка, ја извојувал над Персијците. Можно е дотогаш овој празник да имал само локален карактер. За време на владеењето на овој цар во Византиската престолнина Цариград имало многу цркви посветени на Пресвета Богородица, така што во месец август се празнувале повеќе нејзини спомени. Веќе во VIII век овој празник е насекаде раширен и утврден, зашто од овој период имаме не само беседи (првата беседа е напишана во VII век од Модест, патријарх Ерусалимски), туку и химни, стихири пропишани за богослужението на самиот празник. Нив ги пишувале св. Андреј Критски, св. Козма, св. Јован Дамаскин, св. Герман Патријарх Цариградски, св. Теофан Исповедник, царот Лав Мудри и др.
За особеностите на празникот црпиме податоци од светото Предание, кое ни зборува за една древна традиција поврзана со Гетсиманската крипта во која се наоѓа гробот на Пресвета Богородица. Тука празникот Успение се слави со особена свеченост. Имено, во Ерусалимскиот метох на Гетсиманскиот манастир се чува Плаштаница на која е насликано Успението на Богородица. Оваа Плаштаница, утрото на 12 август со свечена литија се пренесува од Ерусалим во Гетсиманија (во спомен на пренесувањето на Пречистото Богородично тело од Сион во Гетсиманија), во камениот Богородичен гроб и таму останува сѐ до одданието на празникот, кога повторно со свечена литија се враќа назад во метохот на Гетсиманскиот манастир во Ерусалим.