Македонка која веќе два месеци работи во Стокхолм на својот Фејсбук профил си ја отвори душата за тоа што ги очекува младите кога бараат работа во Македонија.
Откако таа се стекнала со титулата магистер по молекуларна медицина во Норвешка, полна со носталгија, новостекната самодоверба и надеж се вратила во својата родна земја за да бара работа.
Така наивно мислев дека после 6 години учење еве дојде моментот кога конечно ќе можам пристојно да заработувам и да сум блиску до фамилијата и пријателите, пишува таа во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук. Откако започнала со апликации по лаборатории, вели дека добила неколку понуди кои гласеле: „За почеток ќе волонтираш неколку месеци за да видиме како ќе се снајдеш, а после ќе правиме муабет за почетна од 21 илјади денари“.
Таа вели дека добила и неколку директни понуди од 11-15 илјади денари почетна плата со голем потенцијал за покачување во зависност од трудот.
Разочарана од ова, во ек на здравствена криза таа оди во Стокхолм и пронаоѓа работа таму. Конечно почуствував што значи едвај да го чекаш понеделник, вели таа.