Можност за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, ама со намален износ, планира да овозможи Владата во следниот мандат. Мерката стои во владината програма за работа од 2020 до 2024 гоидна но поради тоа што таму не се наведени рокови, не е прецизирано кога ќе бидат донесени овие законски измени.
Владата се обврзува да обезбеди нова повисока минимална пензија која ќе изнесува најмалку 10.700 денари за сите. Се најавува и можност за докуп на стаж за да се добие пензија.
„Обезбедување грижа од заедницата кон возрасните преку воспоставување локални услуги за грижа и нега. Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија. Зајакнување на улогата на старите лица во локалните заедници и обезбедување услови за вклучување во јавниот живот. Ќе овозможиме волонтирање и работно ангажирање на возрасните лица кои сакаат исполнети денови. Воведуваме програми за поголема мобилност за старите лица преку субвенциониран меѓуградски превоз, стои во програмата.
За пензионерите се најавува воспоставување 10 центри за активно и здраво стареење, со програми кои ќе се грижат за менталното и физичкото здравје, социјализацијата и меѓуврсничката комуникација на старите лица.
Владата планира да ја прошири програмата за бањско-климатска рекреација.
Извор: Фактор