Владата одлучи, а Министерката Царовска објасни како ќе се одвива учебната година

|

Потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, вработените во училиштата и пошироката заедница, се темелите на кои е правен планот во министерството за образование – изјави денес на прес-конференцијата министерката за образование и наука Мила Царовска.
Со овој план предвиден е комбиниран модел на настава.

Секаде каде што се исполнети условите од здравствените протоколи наставата ќе се реализира со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата, предвидува Планот за почеток на учебната 202/2021 година, која ќе започне на 1 октомври. Ова го усвои денес Владата на својата прва седница.

-Општините и училиштата ќе имаат можност да организраат он-лајн настава таму каде не се исполнети условите предвидени со протоколите. За успешна реализација на учењето „од далечина“ забрзано се работи на воспоставување единствена национална платформа која ќе биде презентирана многу скоро во јавноста. Планот нуди опција и за почнување на настава и со физичко присуство на учениците независно од возраста или одделението без оглед дали се работи за основно или средно. Одлуката ќе се носи во зависност од тоа што налагаат просторните услови односно се да е во согласност со протоколите, рече министерката Царовска.

Во случаевите кога наставата ќе се одвива во училиштата, во училниците ќе присуствуваат најмногу 20 ученици, часовите ќе бидат со времетрање од 30 минути во основните и од 35 минути во средните училишта, а предвиден е и петминутен одмор помеѓу часовите.