Одложување на кредити ќе има, но не за сите – еве кој ќе има право на тоа

|

Народна банка им дозволи на деловните банки на своите клиенти да има дадат шестмесечен рок во кој нема да ги плаќаат кредитите, но, банките овојпат добија право да ги одредат условите.

Банките организирани преку Македонската банкарска асоцијација, одлучија сите кои сакаат да ја искористат новата шанса уште половина година да не плаќаат кредит, тоа е треба да го побараат од банката.
Новина е што сега банката ќе го разгледа барањето и ќе одлучи дали ќе го одобри. Овојпат, шанса е имаат само граѓаните кои реално биле погодени од кризата, како на пример оние кои останале без работа, им се намалиле приходите и слично.

Граѓаните ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и слично, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука, велат од Македонската банкарска асоцијација.

Секоја банка во најкус можен рок, на својата интернет страница, ќе ги објави деталите за вториот шестмесечен рок за одложување на плаќање на кредитите. Клиентите ќе имаат рок од 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата на кредитот.

Одложувањето ќе почне на први октомври и ќе заврши на крајот на март 2021 година. Исто така, ќе може да се бара одложување за сите или само за дел од кредитните обврски кон банките, во зависност од тоа што ќе понуди секоја банка одделно. Доколку дојдат во подобра финансиска ситуација во меѓувреме, граѓаните ќе можат да побараат да ја почнат редовната отплата и пред истекот на периодот од шест месеци.

При првиот шестмесечен период за одлагање на плаќањето рати на кредити, дури 70 проценти од корисниците се изјаснија позитивно, потоа дел од нив почнаа со редовна отплата. Она што е важно да се напомене е дека во периодот додека не се плаќа кредитот каматата тече, а подоцна истата се распределува на сите преостанати рати.