Град Скопје од денес започнува со реконструкција на улицата „Македонско-косовска бригада“, на територијата на општина Чаир, и тоа на потегот од раскрсницата со булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), до раскрсницата со улицата „Втора македонска бригада“. Со оглед на тоа што вваа улица ги поврзува општините Чаир и Шуто Оризари претставува една од најфреквентните во овој дел од градот.
– Предвидено е да се реконструира коловозот и тротоарите во должина од 1.700 метри. Ќе се изврши целосна замена на асфалтот, оштетените рабници, електричните столбови, а ќе биде извршена и нивелација на постојните шахти и сливници – истакна скопскиот градоначалник.
Вредноста на договорот за извршување на овие работи изнесува 56 милиони денари со вклучен ДДВ односно околу 900 илјади еввра. За целосно завршување на работите предвиден е рок од четири месеци.
Градоначалникот е свесен за нетрпението кај граѓаните со закрчениот сообраќај. Според него – „Ова е осма сообраќајница чија реконструкција ја започнавме во изминатите две недели и оттука разбирливо е губењето на трпението на граѓаните заради бавниот проток на сообраќајот како последица од времените сообраќајни режими“.
Од Град Скопје со апел да се вози внимателно, да се избегнува источниот влез на Скопје, каде се реконструира булеварот „Александар Македонски“ и улицата „Благоја Стефковски“ во општина Гази Баба.
Упатуваат граѓаните кои сакаат да влезат од источниот влез на Скопје, тоа да го сторат доколку можат преку северниот влез на новоизградениот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“. На тој начин, побрзо би стигнале до центарот на градот.
Според роковите се очекува до почетокот на зимата најголемиот дел од овие сообраќајници да бидат целосно реконструирани, а за да се постигне тоа, на некои од нив се работи и ноќе.