Полицајците со камери на себе, за да се спречи кинење казни и давање мито – нов проект на МВР

|

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на вчерашната прес-конференција најави дека набргу ќе бидат превземени интервентни мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Од МВР се решени да се справат со возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила, и најавуваат план за засилени акциски контроли. Оваа одлука доаѓа откако и покрај сите досега превземени мерки и активности, кај возачите и понатаму доминараат недисциплината и непочитувањето на правилата во сообраќајот.
„Крајното решение е да инсталираме камери, кои што практично ќе бидат тие што ќе укажуваат на неправилностите во сообраќајот, да имаме еден затворен систем на кој нема да има влијание човечкиот фактор. До сега, онаму каде што нема влијание од човечки фактор, имаме најдобри резултати. На тој начин ќе ја исклучиме селективноста и истовремено ќе имаме подобра транспарентност“, рече Министерот за внатрешни работи.

Од МВР најавија дека најстрого ќе бидат санкционирани особено собраќајните прекршоци кои се причина за собраќајни незгоди со тешки последици.

“Собраќајната полиција во Скопје и во Тетово ќе започне со користење на боди-камери на секој сообраќаен полицаец и на тој начин ќе има еден поинаков пристап и на граѓаните и на полицајците. Ваков пилот проект имавме во автопатската полиција. Таму веќе немаме ниту една поплака од кој било граѓанин, ниту пак од полицаец заради тоа што преку камерите, преку снимањето на сето тоа што се случува за време на контролата имаме целосен увид во состојбите, а тоа е добро за сите“ – вели Министерот Спасовски.

Во план е да има повеќе полиција и во населените места. Недисциплираноста и несовесноста во сообраќајот, во првите 6 месеци од 2020 година, одведоа 43 човечки животи, а околу 2.500 лица беа повредени, додека пак лани како последица на неодговорното учество во сообраќајот, животот го загубија 132 лица, а 5.164 лица беа со повреди.