Во киселинските облаци на Венера, науччниците денес забележале гас наречен фосфин што укажува на тоа дека во ненаселивиот Земјин сосед можеби живеат микроби, што претставува извонредно откритие за потенцијален живот надвор од Земјата, пренесе Ројтерс.
Фосфинот се произведува од бактерии што виреат во услови без кислород, но засега истражувачите не откриле конкретни форми на живот.
Меѓународниот научен тим најпрво го забележал фосфинот со помош на телескопот Џемс Клерк Максвел на Хаваите и го потврдил со помош на радиотелескопот (АЛМА) во Чиле.
„Бев многу изненаден – всушност вчудоневиден“, изјавила астрономот Џејн Гривс од Универзитетот Кардиф во Велс, која е воедни и главен автор на истражувањето објавено во списанието „Nature Astronomy“.
„Најверодостојното објаснување за фосфинот, колку и да звучи фантастично, е дека има живот. Тоа е се што во моментов знаеме за Венера“, рече молекуларната астрофизичарка и коавторка на студијата од Технолошкиот институт во Масачусетс, Клара Соуза-Силва.
„Ова е важно затоа што, ако тоа е фосфин и ако има живот, тоа значи дека не сме сами. Тоа исто така значи дека самиот живот мора да е многу чест и дека мора да има многу други населени планети низ нашата галаксија“.
Телескопите на Земјата, како оние што биле користени во ова истражување, им помагаат на научниците да ја проучат хемијата и другите карактеристики на вселенските објекти.
Истражувачите ги испитувале потенцијалните небиолошки извори како што се вулканизам, метеорити, молњи и разни видови хемиски реакции, но ниту еден не изгледал издржано. Фосфинот бил забележан со 20 дела од милијардата во атмосферата на Венера, што претставува концентрација на траги.
Истражувањето продолжува или за да го потврди присуството на живот или за да се најде алтернативно објаснување. Научниците користат сонди и телескопи за да бараат „биолошки траги“ – индиректни знаци на живот – на други планети и месечини во нашиот Сончев систем но и во останиот дел од вселената кој е засега достапен пред се од техничко технолошки причини.