На цела мака со утнатата туристичка сезона, на Грција уште невремето „Јанос“ и фалеше (видео)

|

Во Грција издадено итно предупредување за делови од земјата кои се погодени од „Медикејн“ невремето. Станува збор за ретка појава во медитеранот а метеоролозите велат – ќе потрае.


На моменти ветрот дува со брзини поголеми од 200 километри на час, проследен со обилни врнежи од дожд и град. Западниот брег на Грција остана без електрична енергија а некои патишта се поплавени, има потонати чамци и паднати дрвја.

Пожарникарите имаат полни раце работа, за краток период имаат преку 60 интервенции главно на испумпување вода од домовите и дуќаните.

Невремето на Пелопонез со име „Јанос“ засега е со помала сила од очекуваното, но можно е да се придвижи кон централна Грција и да биде придружено со обилни дождови.

Во регионот Атика вечерва се очекува нов бран невреме, како резултат на силниот медитерански циклон, кој Грците го нарекоа „Јанос“, и кој веќе ги зафати грчките брегови и особено некои од островите, од каде пристигнуваат прилично драматични слики и снимки.


Западот и југот на Грција се областите кои ќе бидат особено погодени од невремето, за кое претходно беше наведено дека „не се памети вакво невреме досега“.