Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната нето плата во септември 2020 година во земјава изнесувала 27.405 денари. Индексот на просечната нето исплатена месечна плата во септември годинава, во однос на септември 2019 година, изнесува 107.7, односно просечната нето плата е повисока за 7,7 отсто.
Зголемувањето се должи на месечната исплатена нето-плата по вработен во секторите: уметност, забава и рекреација за 10,6 отсто, во преработувачка индустрија за 10,2 отсто и во дејностите на здравствена и социјална заштита за 10 отсто.
Просечната месечна исплатена нето-плата, намалување забележала во однос на август 2020 година, во секторите: земјоделство, шумарство и рибарство (7,1 отсто), уметност, забава и рекреација (6,4 отсто) и трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (3,2 отсто).
Највисоката просечна нето плата во септември годинава, според податоците на ДЗС, е исплатена во секторот-информации и комуникации (49.713 денари) и таа е за 9,9 отсто повисока од исплатената просечна плата во истиот месец лани, а најниската просечна плата е пресметана во секторот-објекти за сместување и сервисни дејности со храна (18.345 денари) и таа е за 1 отсто пониска од онаа исплатена во септември месец минатата година.