Ќерка на царот Конста. Живееше со својата мајка во Александрија. Мајка ѝ беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја приведе кон Христовата вера и Екатерина. Во едно видение Екатерина прими прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака.
Екатерина беше многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа беше и необично убава. Кога злочестивиот цар Максенциј им принесуваше самиот жртви на идолите и им наредуваше на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излезе пред царот и ја разобличи неговата идолопоклоничка заблуда.
Кога виде царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повика педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но, Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган.
По молитвите на света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани. Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица. Сите пострадаа за Христа.