Кога ќе падне првиот снег во Скопје

ИЗВОРНов Лист
|

Ако сте од оние кои сакаат снег, тогаш веројатно оваа зима ќе мора да појдете на некоја од планините бидејќи во Скопје и котлините, до крајот на оваа година а веројатно и цела зима снег нема да има. Барем така велат долгорочните прогнози.

До крајот на оваа недела не чека време со многу врнежи но и релативно високи температури кои често во текот на денот ќе бидат двоцифрени додека минималните ретко ќе одат под нулата.

Постуден период се очекува околу празниците но ни тоа нема да биде некој студ кој ќе го паметиме бидејќи минималните температури ретко ќе достигнуваат до минус 5 а максималните ќе надминуваат и 5 степени.

Први услови за снег можеби ќе се створат во јануари но и тоа според долгорочните прогнози нема да бидат некои врнежи кои ќе формираат снежна покривка. Јануари нема да биде толку студен каков што бил во некои претходни години. Некаде кон средината на месецот се очекува најстуденото време кое ќе ја спушти температурата и до минус 7 степени наутро а во текот на денот редовно вредностите ќе бидат позитивни.

Секако, треба да се има предвид дека долгорочните прогнози не даваат прецизна слика за тоа какво ќе биде времето и во секој момент некој влажен бран може да ја смени работата, но според тоа како во моментов стојат работите, оваа година нема да има некоја студена зима.