Откако деновиве наврнаа поголеми количини снег и се создаде значителна покривка на Попова Шапка скијачките клубови ја потенцираат потребата што поскоро надлежните да ја искористат приликата и да започне скијачката сезона за да не се повтори минатата сезона која помина речиси без ниту еден ден за скијање. Скијачките клубови постојано предупредуваат дека без ски сезона во опасност се доведува спортот но и сите останати економски и развојни сегменти како хотелиерството, инфраструктурата и слично.
-Бројот на ски денови е клучен за успешноста на сезоната така да не е сеедно дали ски центарот ќе започне на почетокот на декември или еден месец подоцна. Јахорина оваа сезона ја започна на 29 ноември, Копаоник на 3 декември и беа први во регионов па и пошироко, при снежни врнежи не поголеми од 10 см. Како тоа го постигнуваат во релативно исти снежни падавини? Зошто Шапка со 70 см снежни врнежи не може да ја отвори ски сезоната, прашува Жарко Трпковски, претседател на скијачкито клуб Љуботен од Тетово.
Според Трпковски за одржлив развој на ски центарот Шапка недостасува визија од државата и уште повеќе, менаџмент со стратегија и компетенции кој ќе овозможи избалансиран развој на сите сегменти на ски центарот.
-Недозволиво е да се прави шестосед, а патеките не само што не се „испеглани“ туку се и руинирани при поставување на столбовите за жичарата, па се чека да падне 1 до 2 метри снег да ги покрие сите јаруги и камења на патеките, а башка немате ни топови за вештачки снег. Понатаму, додека ратраците почнат да го табаат снегот во работно време од 9 -15 часот (секаде ратраците работат ноќе и додека паѓа снегот) ќе дувне ветер и ќе го оддува снегот. Го реновирате патот до Шапка а немате паркинг. Со години нема урбанистички план за населенето подрачје (врие од дивоградби), а камоли за ски центарот во целина, кој би го вклучил на прво место Јелак, на кој со извонредните падини и северната ориентација не би имало потреба дури ни од вештачки снег од ноември до мај, објаснува Трпковски.
Тетовскиот спортски работник потенцира дека наместо размислување што да се прави со Попова Шапка со оглед на најавите за продажба или јавно приватно партнерство да се согледаат примерите на Копаоник и Јахорина. Според Трпковски тие во последниве неколку години под државно раководство станаа водечки ски центри во регионов, при тоа престигнувајќи ги дури и ски центрите од Словенија.
-Сите патеки им се одлично израмнети и покриени со трева, што овозможува да се скија веќе на 10 см снег. Најголем дел од патеките се покриени со систем за вештачки снег, така да со првите временски услови во половината на Ноември се генерира вештачки снег. Жичарите и ски лифтовите се добро осмислени и поставени во систем кој овозможува оптимално скијање низ ски патеките. Располагаат со доволен број на табачи на снег – т.н. ратраци (Копаоник има 12 табачи) кои започнуваат со подготовка на патеките штом има 35-40 см снег кој се набива на 10-15 см. Познато е дека природните предиспозиции на Шапка се од светско ниво како во поглед на конфигурација на терените, со извонредни патеки кои од 2500 мнв се спуштаат надолу, што е докажано во минатото кога Шапка беше водечки ски центар во регионот. Последниве 30-40 години сме сведоци на стагнација и девастирање на Шапка, па дури и при инвестиции од десетици милиони евра во последниве години, со пропаднатиот обид за изградба на инсталација за вештачки снег и проблематичната супермодерната шестоседа жичара која и после шест години уште не може да се стави во функција, потенцираТрпковски.
Иако, деновиве наврнаа поголеми количини снег, нема информации од ски-центарот Попова Шапка околу процедурите и плановите за тоа дали набргу ќе започне скијањето и плановите околу реализирање на ски-сезона. Надлежното државно акционерско друштво и подружницата Попова Шапка немаат одговор на упатените прашања дали се извршени подготвителни работи околу ски-лифтовите и уредување на скијачките патеки.