Денес се слави Светата великомаченичка Варвара

ИЗВОРНов Лист
|

Таткото на оваа славна Христова следбеничка, којашто на млади години му се посвети на Христа, се викаше Диоскор и беше познат според положбата и богатството во градот Илиопол Египетски, а во верата беше незнабожец.

Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци.

Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател, иако немаше никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера.

Срцето на Варвара пламна со љубов кон Господа Христа. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите.