Царовска: Ниту еден наставник нема да остане без работа- напротив се отвараат нови можности за напредок

ИЗВОРНов Лист
|

Министерката за образование и наука, Мила Царовска по големиот број на коментари од страна на граѓаните изминативе два дена, за „Локално“ вели дека новите реформи во образованието нема негативно да се одразат врз никој, туку напротив, децата би стекнале повеќе знаења, и смирува дека поради нив ниту еден наставник нема да остане без работа.

– Модел на оценување ќе биде презентиран на јавната презентација и тука исто така има јасна насока за тоа како ќе се формираат оцените и како ќе се вршат тестирањата. Овие модели се веќе проверени во многу земји и успешно функционираат, оттаму нема потреба од грижа за тоа дали ќе може соодветно да се оценува или тестира- вели Царовска за „Локално“.

Што се однесува до наставниците, Царовска е децидна дека секој ќе го здржи своето работно место.

-Никој, ама буквално никој нема да остане без работа, напротив за нив се отвораат нови можности за напредок во кариерата, личен развој и повисоки приходи. Прво, наставникот ќе добие поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, нешто што самите го бараат. Второ, наставниците бараат многу поголема поддршка од системот и со реформата ќе им ја обезбедиме, а тоа е пред се современи наставни средства и методи како и платформи и ресурси за размена на искуства. Трето, со реформата обезбедуваме подобар кариерен и професионален развој по јасно поставен мерит систем, поголеми приходи и можност за напредок. Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, толку истата е придобивка и за наставниците и образовните работници- вели Царовска.