Вархеји: Вакцина за Западен Балкан кога ќе почне дистрибуцијата во ЕУ

ИЗВОРТелма
|

Вицепремимерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утрово учествуваше на состанокот со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на кој со колегите од регионот разменија информации за состојбата и подготвеноста за набавка на вакцините, како и за плановите за реализација на вакцинација на приоритетните групи.

Еврокомесарот Вархеји информираше дека Европската комисија прави напори вакцините да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ. Тој укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата.

„Во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност. Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно“, истакна Димитров.

Тој кажа дека активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ којшто врз основа на повеќе критериуми ќе ги дефинира приоритетните групи.

„Се финализира анализата на приоритетните групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани. Овој план ќе биде споделен и со еврокомесарот Вархеји во наредните денови“, рече Димитров.

Вархеји на „Твитер“ објави дека се работи на тоа да се осигура дека вакцините ќе бидат достапни за Западен Балкан на време, кога ќе започне дистрибуцијата во ЕУ.

Тој вели дека за таа цел се издвојуваат средства и се координираат активностите.

„Во пандемијата ние стоиме покрај Западен Балкан, чија иднина е во ЕУ“, рече Вархеји.

Тој додава дека ЕУ ќе им помогне на своите соседи, но и пошироко, заедно да ја победат пандемијата.