Ѕвончето нема да ѕвони за првачињата кои ќе тргнат во училиште догодина. Наставниците сами ќе го планираат денот и времетраењето на часовите. До трето одделение ќе учат осум предмети, а до деветто 10.
Во училиште ќе поминуваат 5 часа, од кои само 3 ипол ќе учат, а останатото ќе бидат вонучилишни активности. Новите реформи во образованието предвидуваат и само 8 основни предмети : македонски јазик, математика, природни науки, општествени науки, англиски јазик, техника, технологија и информатика, уметничко образование и физичко образование.
Биологија, хемија, физика и физичка географија се спојуваат во еден предмет-природни науки, а историја, граѓанско образование и дел од географија во – општествени науки. Ќе се црта и свири заедно, по предметот уметничко образование. Наставниците ќе мора тимски да ја планираат наставата по споените предмети, во зависност од тоа, кој предмет ќе се изучува тој ден.
По бурните реакции за спојувањето на предметите, особено за историја, од МОН смируваат дека, тие и понатаму ќе се изучуваат, иако на поинаков начин.
Од МОН тврдат и дека никој од наставниците нема да остане без работа, затоа што ќе има и задолжителни, како и слободни изборни предмети и многу вон-училишни активности.
Сепак, овие реформи предизвикаа жестоки реакции во јавноста. Најголемите критики од граѓаните се дека историјата се укинува како посебен предмет за да им се угоди на бугарските барања. Реагираа и многу историчари, педагози и професори. Велат дека ова е направено без никаква логика и анализа и има премногу спорни елементи кои не смеат да влезат во финална фаза. Бараат веднаш да се прекине со оваа иницијатива и да се вклучат сите засегнати лица. Загрижени се и музичките педагози, по најавата дека не само што се спојуваат музичко и ликовно, туку и драстично се намалува бројот на часови на еден час неделно или само по едно полугодие.
Синдикатот, пак, бара да се разјасни, ако се спојат четири наставни предмети , со колку проценти би влегле секој поединечно? Што би значело ова за фондот на наставни часови на еден наставник и што ќе биде важно за формирање на генералната оценка? Бараат да не се брза, прво да се спроведе пробен проект и најважното – ниту еден анставник да не остане без работа.
Далиборка Демјанска Цветановска