Денес се слави преносот на чесниот Свети Јован Златоуст

ИЗВОРНов Лист
|

Златна труба на Православието. Споменот на овој светилник на Црквата се празнува на 13 ноември и на 30 јануари. А на овој датум се празнува преносот на неговите чесни остатоци од ерменското село Комане, во Цариград, каде што порано како патријарх управуваше со Црквата.

Кога се навршија триесет години од неговото преминување, патријархот Прокло одржа еден говор во спомен на својот духовен отец и учител и со тој говор толку ја разгоре љубовта на народот и на царот Теодосиј Помладиот кон големиот светител, што сите посакаа Златоустовите остатоци да се пренесат во Цариград. Се раскажува дека ковчегот соостатоците никако не можеле да го помрднат од местото сѐ додека царот не му напиша писмо на Златоуст молејќи го за прошка (бидејќи мајката на Теодосиј, Евдоксија, беше виновна за прогонството на Свети Јован) и повикувајќи го да дојде во Цариград, неговата некогашна резиденција.

Кога ова покајно писмо го положија на ковчегот, тој ковчег стана сосем лесен. При преносот мнозина болни кои се допреа до ковчегот на свети Јован оздравеа. Кога стасаа до престолнината, тогаш царот повторно молеше на светителот прошка во име на својата мајка, и тоа како самата таа да говори: „Додека живеев во минливиот живот направив зло, а сега, кога ти живееш , биди ѝ полезен на мојата душа. Мојата слава помина и не ми помогна ни малку; ти, оче, помогни ми во твојата слава, пред да бидам осудена на Судот Христов!“

Кога Светителот го внесоа во црквата на светите апостоли и го поставија на патријаршискиот престол, тогаш маса народ од неговите усни слушна: „Мир на сите!“ Преносот на свети Јован Златоуст беше извршен 438 година.