Вашето тело ви кажува колку вода треба да пиете во текот на топлите летни денови

ИЗВОРНов Лист
|

Телото губи повеќе течности во текот на летото, па затоа е многу важно во текот на топлите летни денови да пиете доволно вода. Деновиве се предвидува дека територијата на Македонија ќе биде во портокалова алертна фаза со температури над 40 степени, поради тоа е многу важно да ги знаете овие работи.

Нутриционистката Лорен Минчен наведува дека количеството вода што му е потребно на организмот зависи од телесната тежина и од самото тело, пишува „Н1“.

Точната количина на вода потребна зависи од личноста, но за активни возрасни лица се препорачува внесување помеѓу два и четири литри на ден. Потребите може да варираат во тој опсег со промена на надворешната температура – истакна Минчен.

Таа додава дека на телото веројатно ќе му треба повеќе вода доколку редовно вежбате. Нутриционистката Ејми Шапиро истакнува дека е важно да се надополни течноста што човекот ја губи преку потење.

Клиниката „Мајо“ препорачува пиење 2,7 литри вода дневно за жени и 3,7 литри за мажи.

Бојата на урината може да ви каже дали треба да пиете повеќе вода. Шапиро и Минчен наведуваат дека урината треба да има светла боја, а ако е темна, тоа е знак дека ви треба поголем внес на вода дневно. Замор, сува кожа, грчеви во мускулите, запек и вртоглавица се исто така индикатори за дехидрираност.

Покрај пиење чаша вода, може да јадете и храна што содржи големи количини вода. Шапиро истакнува дека лубеницата е одличен избор во текот на летото бидејќи содржи голема содржина на вода. Таа додава дека покрај лубеница, може да јадете и краставици, целер, брокула и спанаќ.