Пинџурот е зимница од пиперки и домати која лесно, брзо и едноставно се подготвува.
СОСТОЈКИ: 3 кг меснати пиперки, 250 гр лути пиперчиња, 150 гр лук, 1.5 кг модри патлиџани, 1.5 кг домати, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол и 2 дл масло.
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА: Пиперките, модрите патлиџани и доматите, излупете ги сомелете ги на машина за месо. Лутите пиперчиња благо испечете ги. Во тенџере ставете масло да се загрее, додајте ја мелената маса и пржете додека цела течност не испари, додајте шеќер, сол, ситно сечкан лук.
Пржете уште 10-15 минути. Додајте печени лути пиперки, лесно измешајте да не се распаднат. Теглите треба да бидат топли, ставете пинџур до врвот на теглите. Веднаш затворете со капачиња и свртете ги теглите наопаку.
Во продолжение прочитајте го и рецептот за домашен традиционален македонски ајвар
Македонската домаќинка децении наназад, во овој период од годината подготвува зимница со која се прехранува семејството во текот на студените зимски месеци кога свежото овошје и зеленчук е сведено на минимум. Иако од минатото па се до денес, многу работи се имаат променето, сепак, дел од македонските семејства се уште ја негуваат вековната традиција на подготовка на солени и благи зимници. Меѓу најпознатите кај нас но и оние по кој сме познати во светски рамки е се разбира ајварот, потоа туршијата, пиперките подготвени на стотици различни начини, мармаладите, компотите и соковите подготвени од рацете на вредните домаќинки од сезонско овошје…
Кај нас се подготвуваат неколку видови на ајвар. Некои домаќинки се обидуваат да ја сочуваат традиционалната рецептура за подготовка на оваа зимница па користат исклучиво црвени ајварски пиперки кои се карактеризираат со рамни површини кои пак се многу погодни пиперката да биде убаво испечена а потоа и излупена. Други домаќинки пак ајварот го подготвуваат по свој вкус, па така освен пиперки ставаат и модри патлиџани, лути везени пиперки а некои додаваат и црвен домат но и морков.
Сепак, традиционалната подготовка на ајвар е онаа која се подготвува исклучиво од пиперки.
Доколку сакате да го направите овој рецепт потребни ќе ви бидат: 30 кг пиперки за ајвар, 2 литри масло за јадење, 100 гр шеќер, 100 гр сол и 50 гр винска киселина.
Подготовка: Потребната количина на пиперки, најпрвин убаво се мие и се пече. Секоја испечена пиперка ставајте ја во кеса за да можете подоцна полесно да ја излупите.
Откако ќе завршите со печењето, започнете со лупењето на пиперките, притоа внимавајќи од нив да ги отстраните сите лушпи и семки. Потоа сомелете ги пиперките со машина за мелење на месо. На оган ставете го тенџерето во кое ќе го пржите ајварот и истурете го целото количество на масло за јадење, оцетот, солта и шеќерот. Почекајте оваа течност убаво да зоврие а потоа ставете ги пиперките да се пржат.
Пржете најмалку 2 часа и повремено пробувајте го вкусот на ајварот. Доколку сметате дека постои потреба истиот дополнително да го посолите, направете го тоа. Откако ајварот ќе биде готов, ставете го во претходно стерилизирани и загреани тегли. Со оваа постапка подготовката на ајварот е готова.