Ромеско е име на сос направен од печени пиперки и јаткасти плодови, како бадеми, ореви или лешници.
Први го приготвиле каталонските рибари како прилог за морски плодови, но денес се служи речиси со сите видови храна. Се мачка на леб или тост, се сервира со јагнешко и пилешко, а се служи дури и со полжави.
Покрај јаткасти плодови и пиперка, во оригиналниот рецепт може да се најдат и препржени парчиња леб, печен лук и домат. По изгледот потсетува на ајвар, а и има некои заеднички состојки со него.
Ви откриваме едноставен рецепт за сосот ромеско, кој се приготвува лесно и брзо од пет основни состојки и малку зачини.
Состојки: 3 поголеми црвени пиперки 8 чешниња лук 200 г стар леб 150 г пржени бадеми 50 мл јаболков оцет 100 мл маслиново масло 1 лажиче димена пиперка во прав 1 лажиче каенски бибер 1 лажиче сол.
Приготвување:
1. Печете ги пиперките на плински шпорет, на скара или во рерна додека површината на плодот добие црна боја. Не грижете се, црната кожичка на пиперката гарантира одличен вкус на сосот.
2. Кога ќе се испечат пиперки, префрлете ги во сад и покријте ги со фолија да се оладат.
3. За тоа време, во тавче сипете маслиново масло и во него пропржете го исчистениот лук во парчиња. Пржете со постојано мешање околу три минути додека лукот добие убава златно-жолта боја. Потоа извадете го лукот од тавчето.
4. Во истото масло ставете ги коцките стар леб и пржете ги додека станат златникави и крцкави.
5. Отстранете ја црната кожичка од пиперките. Исчистените пиперки ставете ги во блендер заедно со печениот лук и леб, со пржените бадеми и оцетот. Сето тоа заедно миксирајте го додека добиете смеса што личи на ајвар.
6. Сосот ромеско зачинете го со сол, бибер и со малку димена пиперка во прав.