Јакимовски: Во политиката ме одржуваат резултатите, а анкетите велат дека карпошани знаат да го ценат тоа

ИЗВОРНов Лист
|

За мене најголема сатисфакција е тоа што жителите на Карпош сакаат да се вратам на чело на општината. Тоа ме исполнува многу повеќе од номинацијата од било која партија. Впрочем, во мојата политичка кариера секогаш самостојно сум носел одлуки, а на одредена политичка функција ме држеле резултатите. Не партиите и коалициите, вели лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски во емисијата „Во центар“.

Тој истовремено открива дека во текот на кампањата не планира да војува со противкандидатите, туку има намера да ги убеди граѓаните дека клучот на развојот на општината е во негови раце. На прашањето на водителот на емисијата зошто мисли дека може да ги порази двете големи партии, Јакимовски одговара:
– Немам намера никого да поразувам. Граѓаните се тие кои поразуваат. Што мислам јас? Мислам дека мојата програма е супериорна во однос на сите останати кандидати. И мислам дека тоа ќе биде условот да бидам во водство уште во прв круг. Кој ќе отпадне во прв круг, тоа не е моја работа. Моја задача е да ги убедам граѓаните дека го имам клучот за развој на општината во мојата програма, вели тој.


Јакимовски особено бил среќен што резултатите од сите анкети кои ги има направено пред да одлучи да се кандидира покажале доверба од граѓаните на Карпош за повторно да ја води општината. Тоа е, како што вели тој, главната причина која го натерала повторно да се кандидира. На прашањето дали смета дека може да победи без поддршка од коалициониот партнер, Јакимовски вели:
– Карпошани до сега покажале во повеќе наврати дека гласаат за личност, а не за партија. Тие исто така сега видоа дека градоначалник зад кој стои голема партија не значи дека ќе покаже резултати. Јасно е дека се што до сега сме сработиле се респектира од граѓаните и затоа сум почестен од нивната доверба во анкетите, објаснува лидерот на ГРОМ.


Јакимовски се надева дека кампањата ќе помине во позитивна атмосфера во која кандидатите ќе ја бараат довербата на граѓаните со проекти, а не со црна кампања, но истовремено им порача на кандидатите од противничките табори дека доколку биде нападнат нема да седи со скрстени раце.
– Не очекувам да има негативна кампања. Но, ако има подготвен сум да се справам. До сега секогаш имало негативна кампања. Сепак, овој пат се надевам дека ќе нема, вели тој.