Интензивните врнежи од дожд кои од вчера паѓаат низ Македонија, а особено во западните делови од државата им создадоа големи проблеми на повеќе жители на Кичево. Поплавени се стотина домови, голем број на подрумски и помошни простории бидејќи во текот на ноќта се излеаја повеќе реки, сепак најважно е што нема штета во човечки животи.
Надлежните од Кичево посочуваат дека во текот на ноќта повеќето улици во градот биле целосно поплавени и биле невозможно одвивање на сообраќајот.
– Дождот кој со мали прекини во кичевско врне три дена, создаде повеќе проблеми на неговите жители. Во текот на ноќта се излеа Зајашка река и ја поплави населбата на улица“ Прилепска“, каде под вода останаа стотина домови.
За среќа водата во текот на денешниот ден почна да се повлекува, но во поплавените домови сепак остана калта и високата влага. За да им се излезе во пресрет на овие граѓани, дел од нив се згрижени во една спортска сала во градот, каде ќе останат сè додека не се стабилизира состојбата – рече Дашмире Адеми, раководител на ПО на ДЗС Кичево.
Таа исто така наведе дека се излеал и каналот Иванидол и поплавил повеќе куќи и подрумски простории.
– Во текот на ноќта од силните врнежи од дожд се излеа и каналот Иванидол при што поплави повеќе домови во истоимената населба, како и домови и подрумски простории лоцирани на улица „Борис Кидрич“- истакна Адеми.
Од надојдената вода се излеа и Беличка река, при што ги поплави соседните ниви и ливади. Штетите од поплавите допрва ќе се утврдуваат.