Луѓето си направиле залихи од кеси, засега ќе ги користат нив, а потоа ќе си носат торба

|

Веќе од вчера започна забраната за продажба на пластични кеи. Сега маркетите имаат обврска да продаваат само биоразградливи кеси кои ќе ги наплаќаат по 15 денари. Оваа висока цена на кесите ги натера граѓаните да не купуваат кеса од маркет туку да си носат од дома. Па така, дел од граѓаните можеа да се видат како излегуваат од КАМ Маркет со кеса од Веро или пак Тинекс.

– Искрено да ви кажам, мене кесите ми изгледаат исто, не гледам разлика од овие кеси што денеска ги продаваат 15 денари, во споредба со тие што вчера беа еден денар или два. Висока е цената, но ако мораме, ќе се навикнеме, кој има пари одвишок ќе си ги купува, кој е поекономичен ќе си носи торби од дома – вели еден од граѓаните што го сретнавме денеска.

Некои од нашите сограѓани, како што објаснуваат, си направиле залихи на кеси, па ќе имаат одреден период.

– Си купив кеси за пазарување додека беа поевтини. Ќе имам за некое време, потоа ќе си купам торба и како порано, во шеесеттите години, па пазар ќе одам со торба. Сè е до навиката, ќе се навикнеме и на ова – вели наш сограѓанин.

Сепак, сите се согласуваат дека цената на кесите е премногу висока.

– Ако треба да купам неколку кеси, тоа ќе ме чини сто денари. Јас месо не јадам, што значи со тие пари ќе можам два дена да јадам ручек со зеленчуци – дополнува една од анкетираните.

Најголеми реакции за таканаречените пиљарски кеси доаѓаат од постарите лица, кои најчесто купуваат на парче зеленчук или овошје. Дел од купувачите прашуваат каде е математиката ако за „две-три главици кромид, што чинат 10 денари, треба да платат 15 денари“?

Од Организацијата на работодавачите велат дека до нив стигнале поплаки од трговците за таквите кеси, па оттука и нивниот став е дека е неопходна измена во Законот за управување со пакување и отпад од пакување, или одложување на неговата примена.

– Иницијативата е започната од причина што примената на овие кеси е многу ограничена (станува збор за мали количества кеси), односно се работи за кеси што се користат за мерење овошје и зеленчук и во овој краток период компаниите од трговијата имаат проблем за воведување на нивна замена – велат од ОРМ.

Министерот за животна средина им порача на граѓаните да користат платнени торби за пазарување, појаснувајќи дека за кесите за ѓубре засега нема промена на цената.

Извор: Слободен печат.мк