Владините членови за време на викендот ќе ги вметнуваат прифатените амандмани во предлог-буџетот за следната година. За утре во 10 часот е закажана владина седница на која се очекува буџетот да биде дополнет. Од вкупно 223 поднесени амандмани, 15 беа прифатени и тоа 10 од ВМРО- ДПМНЕ, 4 од пратеници од власта и еден од коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива.
„Откако ќе заврши постапката за усвојување на амандманите на седницата на Владата, утврдениот Буџет за 2022 година ќе биде испратен на усвојување во Собранието“, велат од Владата за Алсат.
Од Собранието не откриваат дали планираат седницата за донесување на буџетот да ја закажат веднаш, односно за утре или задутре.
Инаку, следната година се планира во државната каса да се соберат 3,8 милијарди евра, а да се потрошат 4,4 милијарди. Буџетската дупка од 545 милиони евра планирано е да се пополнува со кредити. Според тоа Владата планира да се потрошат 615 милиони евра за капитални инвестиции. И за следната година се планираат милионски суми за стари проекти кои никако да се реализираат како новите клинички центри во Скопје и Штип, изградба на болница во Кичево, пругата кон Бугарија и слично.
Државните институции исто така следната година ќе имаат на располагање 5,4 милиони евра за купување нови автомобили и околу 2 милиони евра за мебел. Се планира и зголемување на платите во судството, образованието, културата и во инспекциските служби.