Оливер Спасовски не даде директен одговор дали ќе остане во новата влада

|

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не кажува дали ќе остане на функцијата и во владата која ќе ја составува новиот мандатар Димитар Ковачевски кој воедно е и лидер на владеачката партија СДСМ.

Од вчера Владата која ја состави Зоран Заев е во оставка, откако тој се повлече од премиерската и лидерската функција во СДСМ поради поразот на локалните избори, а денеска оставката се чека да биде усвоена од страна на Собранието.

На новинарско прашање дали ќе биде дел од новата влада, Спасовски не даде конкретен одговор.

„ Ништо нема да коментирам, а за сите идни случувања во oвој дел ќе донесам дополнителна одлука“, рече министерот Спасовски.

Собранието денес ќе ја констатира оставката која Заев ја понесе вчера. По констатирањето на оставката почнува да тече рокот од 10 дена во претседателот на државата треба да го довери мандатот за состав на влада на новиот мандатар, кој пак ќе има рок од 20 дена да состави влада.

Министерката за образование Мила Царовска, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и министерот за здравство Венко Филипе веќе известија дека нема да бидат дел од новата влада.