Веќе од самиот почеток на месец декември масовно се бараат станови за изнајмување за дочекот на Новата година. Цените се прилично високи, па така ако сакате да ја прославите најлудата ноќ во стан заедно со свое друштво ќе треба да издвоите од 500 до 1.000 евра за една вечер. Освен што цената е многу висока проблем се јавува и со тоа што голем ден од сопствениците на станови не сакаат да ги изнајмуваат за новогодишни прослави, па се стеснува просторот да најдете слободен стан.
Од Агенциите за недвижности велат дека телефоните постојано им ѕвонат и се бараат станови за изнајмување за Нова година, а интересно е што некој од клиентите се подготвени да платат и над 1.000 евра само за една вечер.
-Голем дел од сопствениците не сакаат да ги изнајмуваат за толку кратко време, а посебно не за една или два вечери. Со оглед на големата побарувачка за изнајмување на вакви станови последниве неколку години цените за прослава на Нова година се драстично покачени. Некои од клиентите се подготвени да платат и над 1.000 евра само една вечер. Некои од газдите освен кирија бараат и депозит. Така на пример ако за изнајмување на станот клиентот треба да плати 500 евра треба да остави и депозит од 500 евра, а треба да плати и 50 отсто провизија за агенцијата, што значи вкупно 1.250 евра. Ако оваа сума се подели на 30 лица излегува дека секое лице треба да плати по 40 евра што и не е така малку, вели Александар сопственик на Агенција на недвижности.
Некој од сопствениците на становите намерно ги качуваат цените пред Нова година, но има и такви кои не сакаат да ги изнајмуваат за толку кратко време. Некои имаат лошо искуство, бидејќи потоа имаат проблеми со соседите, со полиција поради гласна музика, уништен мебел, искршени врати….Поради тоа, некој од газдите бараат и лицата, а тоа најчесто се тинејџери да остават лични карти доколку имаат или пак да дојдат со родител кој ќе гарантира дека станот потоа ќе го вратат во првобитната состојба.
Сепак и покрај високите цени повеќето тинејџери Новата година ќе ја дочекаат по изнајмени станови, куќи и викендички. Цените за изнајмување на куќи и викендички за Новата година во околината на Скопје се нешто повисоки и се движат од 600 евра па нагоре.
Освен во Скопје голема побарувачка и за викендички по туристичките центри во Македонија, а меѓу најпопуларните дестинации за новогодишните празници се Берово, Крушево, Маврово, Пониква, Попова Шапка и Охрид.