Пред оставката на владата разрешени и именувани директори

ИЗВОРТелма
|

Договорените кадри со Алтернатива, но и неколкумина други директори се именувани пред крај на последната владина седница пред три дена, но јавноста не дозна за тоа.

Портпаролите ја премолчаа оваа одлука, иако утредента информираа за сите останати. На нашето прашање зошто, одговорија дека очекувале новинарите да ги прашаат, но тоа не се случило?

На предлог на министерот за финансии, за заменик-директор на Царинската управа е именуван Муарем Асани.

За директор на Државниот пазарен инспекторат е именувана Анета Симеска Димоска. Директор на Државниот инспекторат за труд ќе биде Јованка Тренчевска.

Владата ја прифатила и оставката на Авни Рустеми, од должноста заменик директор на Агенцијата за млади и спорт, а за вршител на должност е именуван Амир Биљали.Прифатена е и оставката на Бујар Дардишта, од должноста директор на Управата за водење на матични книги, а за вршител на должност е именуван Блерим Абази.

За в.д. директор на Државниот завод за индустриска сопственост е именуван Ибуш Јусуфи. Никица Бачовски, пак, е именуван за вршител на должност директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

ВД директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески е разрешен, а на негово место е именуван Беким Емини.

Разрешена е и в.д. директорката на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Каљтрина Беќири , а на нејзино место е поставена Мерал Исмаили.

Разрешен е и директорот на Казнено поправен дом Идризово, Јовица Стојановиќ, а на негово место, за в.д. директор е именуван Реџеп Реџепи.

Владата заклучила и да му препорача на Управниот одбор на ЈП Национална Радиодифузија, да го разреши од должноста в.д. заменикот на директорот, Мухамед Цури, а на негово место да биде избран Суат Џемаили.

За дел од договорените кадри допрва ќе треба да се распишат огласи, а за другите именувања ќе се одлучува на следните седници.

Пред оставката на премиерот, со што е во оставка и целата влада, во еден ден се распишани и 11 огласи за вработување преку Генералниот секретаријат.Од владата тврдат дека имале реална потреба од нови приеми.

Се бараат советници, соработници и референти, а платите се од 33 илјади денари за тие со високо образование, до 14 и пол илјади денари за тие со пониско образование.

Далиборка Демјанска Цветановска