Вардар го реши прашањето околу тренерот за вториот дел од сезоната. Давид Дејвис се враќа во Скопје за да го предводи двократниот европски шампион.
Шпанскиот стратег добро го познава клубот, бидејќи беше дел од стручниот штаб на Раул Гонзалес при освојувањето на првата титула во Лигата на шампиони во 2017 година, а потоа седеше и на клупата на женскиот тим на Вардар. Работеше како помошник селектор во Русија, па го предводеше Египет, а последно работеше во Веспрем.
Претседателот на македонскиот шампион Михајло Михајловски призна дека многу тренери се понудиле да работат во Вардар, но одлучил да му ја даде довербата на Дејвис, кој доаѓа во позната средина и го познава македонскиот јазик. Неговиот договор ќе биде до крајот на оваа сезона, а потоа двете страни повторно ќе преговараат за продолжување на соработката.
Дејвис ќе го наследи Веселин Вујовиќ, под чие водство Вардар нареди седум порази по ред во Лигата на шампионите. Привремено прв тренер на клубот беше поранешниот играч Владо Недановски. Подготовките за вториот дел од сезоната Вардар ќе ги започне на 10 јануари.