Лани во јануари плаќале 10.000 евра за струја, а сега треба да платат 35.000. Хаос на слободниот пазар – снабдувачите им ги раскинуваат договорите сега и на големите компании во земјава – ги условуваат да склучат нови со кои авансно ќе плаќаат и по 500 евра за мегават час струја. Бизнисмени за „Телма“ алармираат дека состојбата е пред кулминација. Компаниите не можат да го издржат товарот од енергертската криза, и астрономските цени за струјата. Велат ова е безредие – приморани сме да земаме кредити за да можеме да ги платиме 3,5 пати повисоките трошоци за струја.
СНАБДУВАЧИТЕ НИ НУДАТ ДОГОВОРИ СО КОИ АВАНСНО ТРЕБА ДА ПЛАТИМЕ ПРЕД ДА ПОЧНЕ МЕСЕЦОТ СПОРЕД ПРОСЕЧНАТА ПОТРОШУВАЧКА КОЈА СМЕ ЈА ИМАЛЕ ЛАНИ ВО ЈАНУАРИ, НО ПО ЦЕНА ОД 500 ЕВРА ЗА МЕГАВАТ ЧАС ПЛУС 15 ПРОЦЕНТИ ПРОВИЗИЈА ЗА ТРГОВЕЦОТ. ПОТОА ЌЕ СМЕ СЕ ПОРАМНЕЛЕ ВРЗ ОСНОВА НА ЦЕНИТЕ ПО КОИ ТИЕ ЈА КУПУВАЛЕ СТРУЈАТА НА БЕРЗА. ОНА ШТО Е ПОТРАГИЧНО Е ШТО НЕ УСЛОВУВААТ ВАКВИ ШТЕТНИ ДОГОВОРИ ДА СКЛУЧИМЕ НА ПЕРИОД ОД ШЕСТ МЕСЕЦИ, ВЕЛИ ЗА ТЕЛМА ЕДЕН АНОНИМЕН СТОПАНСТВЕНИК.
Од Регулаторна немаат ингеренции да делуваат на слободниот пазар. Велат станува збор за облигационен однос меѓу две компании кој се решава на суд. Проблемите со снабдувачите ќе ги решаваат со измени во Правилникот.
„РКЕ ИЗГОТВИ ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА ЛИЦЕНЦИ СО КОИ СЕ ЗАОСТРУВААТ КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ЛИЦЕНЦА ЗА ТРГОВИЈА И СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, КАКО И ЗАОСТРУВАЊЕ НА КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ВРШЕЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКИТЕ ДЕЈНОСТИ СНАБДУВАЊЕ И ТРГОВИЈА СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА.“
Компаниите можат да реагираат и до Пазарната инспекција, но велат казните од инспекторите за снабдувачите се премали, а ако се решат да тужат -постапките на суд траат предолго. Од пазарната инспекција пак информираа дека две компании „Мист Енерџи“ и „У Павер“ ги казниле со глоби од по 13.000 евра.
Инаку проблемите со снабдувачите почнаа пред неколку месеци кога тие незаконски ги раскинуваа договорите со компаниите и им нудеа нови по повисоки цени за струјата. Реагираше и Регулаторна и покрена постапки за одземање на лиценците на пет снабдувачи кои со тоа што не набавиле доволно струја поради високите цени на берзите, ја користеа балансната енергија на МЕПСО. МЕПСО пак без најава влечеше струја од европската енергетска мрежа, за што требаше да пати околу 20 милиони евра.
Александра Филиповска