Голем одрон на патот Свети Николе-Миладиновци, се вози по една лента

|

На патниот правец Свети Николе – Миладиновци, на десет километри пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри, информираат од АМСМ.

На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На учесниците во сообраќајот АМСМ им препорачува внимателно возење.

Од АМСМ информираат дека сообраќајот на патниот правец Струмица – Мокрино – Смолари кај Мокрински извори е во прекин поради нанос на коловозот и поплава. Екипите на Ј.П. Македонијапат работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.