Пендаровски денеска ќе му го додели мандатот за формирање влада на Ковачевски

|

Претседателот Стево Пендаровски денеска  ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Настанот најавен од претседателскиот кабинет за во 13 часот ќе може да се проследи во живо на Фејсбук страната и YouTube каналот на претседателот Пендаровски.

Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.

Централниот одбор на СДСМ на седницата во понеделникот официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер. Ковачевски синоќа во телевизиско гостување рече дека нема да ги користи целосните уставни рокови за формирање, туку планира предлог составот на владата да биде поднесен на 11 јануари по што согласно роковите, да биде закажана седницата за избор на новата влада. Откако  ќе го добие мандатот за формирање нова влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. Разговори за составот на новиот владин кабинет, како што најави, ќе има веќе од денеска, по што ќе го направи изборот. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера изјави дека согласно целата постапка за избор на нова влада, таа би ја преземала функцијата на 17 јануари 2022 година.

–  Од моментот со давање на мандатот, претседателот на државата според член 210 од Деловникот треба да го извести претседателот на Собранието за давање на мандатот за да почнат роковите во Собранието. Мандатарот во рок од 20 дена од приемот на мандатот, значи не подоцна од 20-тиот ден од приемот на мандатот, треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата, изјави Џафери, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата кога би се случил изборот на нова влада.

Џафери изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, сите преговарања што се направени претходно и сите најави по однос на евентуални поединечни персонални решенија коишто беа изнесени во јавноста.

– Во секој случај, варијантите за организација на работата на Собранието се предвидени, и ако е тоа крајниот рок – 20-тиот ден, а и ако е пократок рокот. Но, во секој случај, во моментот кога ќе се добие персоналниот состав и програмата на владата, тогаш почнува рокот на Собранието, во рок од 15 дена од тој момент да се свика седница за избор на влада. Седницата трае два дена. Вториот ден, пред 24 часот треба да се гласа за нова влада и очекувам некаде 10-ти – 11-ти да добијам предлог состав на владата и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои се во Собранието, да се определи датум за одржување седницата. Најверојатно тоа ќе биде 15-ти, 16-ти јануари, односно ако се добие предлогот на 10-11, 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16, пред 24 часот да се изгласа новата влада, која на 17-ти изутрината би ги презела функциите во министерствата, односно во владата како тим со мандати и со сите овластувања коишто произлегуваат од одлуката со избор, појасни Џафери.

Според претседателот на Собранието, новата влада има мнозинство од 64 пратеници и тоа фактички ќе го покаже гласањето.