Верувања за Бадник – ништо не треба да се позајмува, а она што е претходно позајмено се бара назад

|

Веселите, распеани коледарчиња го најавуваат бадниковото утро. Домаќините пред чии порти се пее најчесто ги даруваат коледарите со костени, јаболка, ореви, посни колачиња, но и по некое париче.

Verivanja-za-Badnik-01.jpg

Според Јулијанскиот календар го славиме Бадник на 6 јануари. „Каде и да си, за Бадник дома да си“. Ова е вистински, семеен празник.

Се вели дека на овој ден не се оди по гости и сите треба да бидат во својот дом покрај најблиските. Целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде богата, но посна. Бадник е денот кој го означува крајот на 40-дневните божиќни пости.

На нашите трпези традиционално има посно тавче-гравче, риба, посна сарма, компири, пити со праз или зелка, а масата ја надополнуваме со ореви, костени и суво и свежо овошје.

Неизоставен дел е домашната погача, односно лепчето кое ја крие паричката. Домаќинот на куќата откако ќе се прекрсти почнува да го дели лепчето, првото за Бога, потоа за домот, односно куќата, па за себе и на останатите членовите на семејството.

Се верува дека оној којшто ќе ја пронајде паричката ќе има здравје, среќа и успех во годината што претстои.

По вечерата, храната останува на масата, бидејќи верувањето е дека Господ ќе дојде преку ноќта за да вечера. Некои пак ја оставаат храната затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на оние коишто повеќе не се меѓу нас.

Бадник е празник на мирот, радоста и сплотеноста, денот пред христовото раѓање. Еве неколку интересни, стари, народни обичаи поврзани со еден од најубавите празници во годината:

– На Бадник не смеете да заспиете додека не ви запее коледарче пред вратата.

– Не смеете да одите боси, бидејќи домашните ќе се разболат и ќе ги болат нозе.

– На Бадник ништо не треба да се позајмува, а она што е претходно позајмено, се бара назад, бидејќи не е убаво она што ѝ припаѓа на куќата да биде надвор од неа за време на Божиќ.

– Ако на Бадник времето е облачно, се верува дека годината ќе биде плодна.

– Ако на Бадник се собере доста пепел на бадниковото гранче кое гори во огнот, се верува дека зимата ќе биде студена со многу снег.

– Жените на Бадник не треба да работат, т.е. треба да ги „затворат вретената“, бидејќи така ќе им ги затворат устите на ѕверовите.

– Ако на Бадник искрите од огнот излегуваат сами, иако никој не го „чепка“ огништето, се верува дека ќе има многу мед и богатство.