Сеизмолозите смируваат: Спијте мирно, нема опасност од земјотресите

|

Тлото во Грција на местото каде се ддли со нашата држава, по вчерашниот силен земјотрес не мирува. Над 40 афтершокови се регистрирани по земјотресот од 5.5 степени по Рихтер кој ноќеска беше почувствуван и во Македонија. Сеизмолозите велат дека афтершокови ќе има и во наредниот период, но тие не треба да не загрижуваат. Според нив, нема никаква опа сност за македонските граѓани.

Серијата земјотреси со епицентар во Лерин, Грција, кои синоќа и изутринава беа почувствувани и кај нас, предизвикаа вознемиреност кај граѓаните и помали оштетувања на објекти и згради во Битола.

Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје ја следи зголемената сеизмичката активност која потекнува од битолското епицентрално подрачје која започна минатата вечер со досега најсилниот земјотрес од оваа серија, кој се случи во 22.43 часот.

„Таа сеизмичка активност се должи на активноста на битолскиот расед, кој, според податоците, како историски, така и од последните 100 години, може да даде максимална Рихтерова магнитуда ML5.7 и интензитет од VII степени според Европската макросеизмичка скала. Според истражувањата и анализите од Сеизмолошката опсеваторија, тоа е што може да се очекува како сеизмичка активност од ова епицентрално подрачје“, вели за ДВ, Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според неа, можни се оштетувања на стари објекти, како уривање на оџаци или дел од ѕидови, но на поновите објекти, кои се асеизмички градени, не се очекуваат конструктивни штети.