Скопјани и денеска мрзнат на ладни или млаки радијатори – институциите и компаниите си ја префрлаат топката. Откако граѓаните празниците ги поминаа под кебиња, проблемот се уште не е решен. Топланата Скопје Север се уште не испорачува топлинска енергија, а БЕГ и покрај поплаките од граѓаните – тврди дека системот е целосно во функција и температурата во домовите на скопјани е 20 +1 степен целзиусов и не се дозволува да падне под 20. Сепак во период од 6 до 9 јануари добиле рекламации на потрошувачи од 204 објекти, од вкупно 2.700 кои се приклучени на нивниот систем. Но, проверките покажале дека граѓаните џабе се жалеле дека им е ладно.
ВО 39 ОБЈЕКТИ СЕ КОНСТАТИРАНИ ТЕХНИЧКИ НЕИСПРАВНОСТИ ВО ТОПЛИНСКИТЕ СТАНИЦИ НА ОБЈЕКТИТЕ И ИСТИТЕ СЕ ВЕДНАШ ОТСТРАНЕТИ. ВО ОСТАНАТИТЕ ОБЈЕКТИ, ИЗВРШЕНО Е МЕРЕЊЕ НА ВНАТРЕШНАТА ТЕМПЕРАТУРА И КОНСТАТИРАНО Е ДЕКА СИТЕ ОБЈЕКТИ ИМААТ ВНАТРЕШНА ТЕМПЕРАТУРА ЕДНАКВА ИЛИ ПОВИСОКА ОД 20ОC. САМО ВО ЕДЕН ОБЈЕКТ ИЗМЕРЕНА Е ВНАТРЕШНА ТЕМПЕРАТУРА ОД 19,5 ОC И ВО ИСТИОТ Е ПОКАЧЕНО НИВОТО НА ИСПОРАКА.- ТВРДАТ ОД БЕГ.
Од БЕГ велат дека ваквиот режим на испорака е оптимизиран и согласно Правилникот, а редуцирале онаму каде на барање на потрошувачите пуштале појако парно. Потенцираат дека цената на гасот е 4 пати повисока од таа предвидена во тарифата и дека набавуваат ограничени количини за само неколку дена. Чекаат да се обезбедат пари за набавка на гас.
До Регулаторна пак стигнале 50 приговори од граѓани, токму за БЕГ. Велат поради енергетската криза веднаш ги ставиле во процедура и со ургенција бараат од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење, и веднаш да достави извештај до нив како постапиле.
ВО ПОРАМНИТЕЛНИТЕ СМЕТКИ СНАБДУВАЧОТ Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ФАКТУРИРА САМО ПОТРОШЕНАТА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА, ПО ПРОПИШАНИОТ КВАЛИТЕТ НА УСЛУГА ОД ПРАВИЛАТА ЗА СНАБДУВАЊЕ НА ТЕ. СНАБДУВАЧОТ ИМА ОБВРСКА ВО ТЕКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ДА ОБЕЗБЕДИ МИНИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА ОД 20+1º C ВО ГРЕЈНИТЕ ПРОСТОРИИ ВО ВРЕМЕТО ОД 06:00 ДО 22:00 ЧАСОТ ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ.- ИНФОРМИРААТ ОД РКЕ.
Со соопштение се јави и „Адора Инженеринг“ која пак во септември лани од стечајната маса на Топлификација на лицитација ги купи топланите Исток и Запад – велат се уште не склучиле договори со БЕГ и тој во моментов е надлежен за испораката на топлинската енергија за скопјани. Бараат правна заштита од државните институциите.
Од Топланата Скопје Север пак потврдија дека уште не испорачуваат топлинска енергија, и дека парите од Општина Чаир за да си подмират дел од долгот, за да може да купат гас ќе ги добијат утре, но тие се доволни да има парно за само 2,3 денови. Чекаат парична помош од Регулаторна и Владата бидејќи компанијата се соочувала со големи финансиски загуби.
Владата денеска без одговор дали се обезбедени 9 милиони евра за набавка на гас за јануари – колку што пресмета Регулаторна дека недостасуваат, кога одлучи да ја зголеми цената на парното за 14 проценти.
Александра Филиповска