Битола формираше комисија за проценка на штетите од земјотресот – оштетувања има и во клиничката болница

|

По долгата, непроспиена ноќ и откако се смири паниката по силниот земјотрес од 5,6 степени со епицентар во соседна Грција, на дваесетина километри од Битола, сега се бројат штетите предизвикани врз објектите.

Нема повредени, но материјални штети има најмногу во домовите на битолчани кои живеат на повисоките катови во зградите и куќите во старото градско јадро.

Општина Битола денска на вонредна седница на кризниот штаб донесе одлука за формирање комисија за проценка на штети.

-Комисијата ја сочинуваат стручни лица од Општина Битола, помогнати со кадри од ИЗИС ако има оштетувања на јавни објекти. Останатите штети во индивидуални објекти ќе ги цени комисијата, ако треба и две комисии ќе се формираат, зависи од пријавените штете. Но од она што го видовме денеска станува збор за помали оштетувања, се надевам така ќе биде и на терен, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола

Оштетувања има во една градинка, потоа во Техничкото училиште, а земјотресот направи штети и во битолската Клиничка болница, објект кој е граден пред половина век.

Дел од пациентите се испишани и пуштени на домашно лекување, а намaлален е бројот на интервенции се додека не се санираат штетите.

–  Има оштетувања на зградата, но не се загрозени пациентите, менаџирана е ситуацијата, полесните пациенти се испратени дома, откажана е редовната оперативна програма, но главно ситуацијата е стабилна, рече Билјана Гагачовска, Клиничка болница Битола.

Синоќешниот земјотрес е со најсилен интензитет почувствуван во Битолското епицентрално подрачје.

Битолчани го паметат потресот од 1994 година кој беше со магнитуда од 5,2 степени и кога, исто така имаше, материјална штета врз повеќе објекти.

Емилија Мисирлиевски