Доволно е половина час да поседите тука, на мостот на влезот во Кондово, и сигурно ќе забележите барем едно од комбињата кои порано возеа на „Беса Транс“, а сега со извадени ознаки и на диво превезуваат патници од и кон Скопје, а за викендите малку поамбициозно – тури до Попова Шапка.
„Телма“ истражуваше, чии се овие комбиња, кој е фирмата и зошто никој не ги контролира.
Ова е снимка направена непосредно по случајот во Бугарија на која јасно се гледаат двете комбиња паркирани пред семејната куќа на Хаџиу во Рашче. Ова е снимка направена викендов, а денеска комбето повторно возеше патници.
Трите необележани комбиња кои успеавме да ги снимиме како превезуваат патници од Рашче до Бит Пазар и до Попова Шапка, сега имаат приватни сопственици.
Еден од нив е Бурханедин Ковачи, поранешен вработен во „Беса Транс“ пријател и соселанец на сопственикот Хаџиу, нешто што може да се види од фотографиите кои ги споделува на социјалната мрежа „Фејсбук“. Другиот сопственик е жител на Кондово, за кого нашите извори тврдат дека бил еден од возачите во „Беса транс“.
Ковачи се јавува и како сопственик на фирмата „Ројал травел“ основана еден месец по случајот во Бугарија со капитал од 2,7 милиони денари. „Ројал Травел“ има и подружница „Аљди Транс“ која заедно со „Беса Транс 2“ секој викенд вози до Попова Шапка а турите ги рекламира на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„ВО ОДНОС НА ВАШИТЕ ПРАШАЊА ВЕ ИЗВЕСТУВАМЕ ДЕКА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА ВО РЕГИСТАРОТ НА ИЗДАДЕНИ ЛИЦЕНЦИ НЕМА ИЗДАДЕНА ЛИЦЕНЦА ЗА ТУРИСТИЧКА АГЕНЦИЈА „РОЈАЛ ТРАВЕЛ“ И „АЉДИ ТРАНС“, ОДНОСНО ЛИЦЕНЦИРАНИ ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ „РОЈАЛ ТРАВЕЛ“ И „АЉДИ ТРАНС“ НЕ ПОСТОЈАТ ВО РЕГИСТАРОТ“, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА.
За да може некој да врши превоз на патници од Рашче до Бит Пазар или од Бит Пазар до Попова Шапка и Маврово потребно е да има лиценца за превоз, извод од лиценца за возила и воазачи. „Ројал Травел“, „Аљди Транс“ и „Беса Транс 2“ немаат. А во саботата и неделата возеа деца на Попова Шапка и наплаќаа билети на лице место. Зборното место е спроти Бит Пазар веднаш до канцелариите на „Ројал Травел“ која официјално не постои.
„ВО ОДНОС НА ВАШИТЕ ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ЛИЦЕНЦИ И ИЗВОДИ ОД ЛИЦЕНЦИ ЗА НАВЕДЕНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ, ВЕ ИНФОРМИРАМЕ ДЕКА ПОСОЧЕНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ НЕ СЕ ЕВИДЕНТИРАНИ ВО ЕДИНСТВЕНАТА БАЗА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ“, СООПШТИЈА ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ.
Хаџиу дематираше дека е поврзан со „Ројал Травел“ и „Беса Трас Прешева“ која во меѓувреме мистериозно исчезна од социјалната мрежа „Фејсбук“ а Ковачи пак демантира било каква поврзаност со Хаџиу иако бил негов вработен, од него купи комбе и вози на релација која ја држеше токму „Беса Транс“.
Огнен Чанчаревиќ