Снежно невреме предизвика хаос во сообраќајот во Грција и во Турција

|

Обилните снежни врнежи во Грција предизвикаа хаос во патниот и железничкиот сообраќај, а истанбулскиот аеродром е затворен поради лошите временски услови во Турција.

Спасувачките тимови, вклучително и војската, цела ноќ евакуираат илјадници луѓе кои останаа заробени во своите автомобили на автопатот во близина на Атина.

До утрово, повеќе од 3.500 луѓе биле евакуирани, некои од нив ги оставиле своите автомобили и пешачеле ноќе по автопатот. Околу 1.200 автомобили останале покриени со снег на Атика Одос, главната обиколница на Атина, изјави владиниот портпарол Јанис Иконому.

„Имавме многу тешка ноќ и во тек е натчовечка евакуација на Атика Одос“, изјави Иконому за грчката телевизија. „Се уште сме во многу тешка фаза, бидејќи прогнозите велат дека за некое време повторно ќе имаме временски тешкотии“, рече тој.

Бидејќи температурите се намалија во текот на ноќта, војниците им делеле храна, вода и ќебиња на возачите, од кои некои останале во автомобилите повеќе од 10 часа. На телевизиските снимки се гледа патот и возилата покриени со снег.

Петнаесет патници се повредени кога шинско возило се обидело да го повлече возот со околу 200 патници кој запрел поради обилниот снег во централна Грција. Властите денеска го прогласиле за неработен ден, затворајќи ги јавните канцеларии и приватните компании, освен супермаркетите, аптеките и бензинските пумпи во поширокото подрачје на Атина и некои острови.

Струјата била прекината во делови од Атина, а мрежниот оператор соопштил дека работите се во тек. Невремето наречено Елпида се предвидува да трае до утре.

Летовите на аеродромот во Истанбул биле прекинати до попладнево поради лошите временски услови кои предизвикаа сообраќаен хаос во најголемиот турски град. На пристаништето во Истанбул, летовите прво беа прекинати вчера попладне, кога зимска бура го погоди градот со речиси 16 милиони жители.

Националниот авиопревозник Туркиш ерлајнс и приватниот авиопревозник Пегасус, денеска исто така, пријавиле прекини на помалиот аеродром Сабиха Гокчен на азиската страна од градот.