Денес времето во Македонија ќе биде сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Само претпладнево локално ќе има позначителна облачност. Особено долж Повардарието ќе дува слаб до умерен ветер од северен и од северозападен правец. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 0 до 9 степени – вели нашиот метео прогнозер Славчо Попоски.
Во Скопје претпладнево ќе има повеќе облачност, додека попладне се очекуваат повеќе сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до околу 6 степени.
Според Попоски, утре во текот на денот времето ќе се задржи стабилно, суво и сончево со мала до умерена локална облачност. Навечер, како и во текот на ноќта кон сабота, и во сабота претпладне ќе има повеќе облачност и во западните предели ќе има повремени локални врнежи од снег. Во сабота повторно ќе дува умерен до засилен северен ветер, додека наутро температурите понекаде повторно ќе се спуштаат до околу -10 степени, а максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 10 степени.
Повторно постабилно и посончево време ќе имаме во недела и во понеделник, а нов влажен бран од запад се очекува во вторник и истиот ќе услови нови врнежи од дожд и од снег.