Општина Тетово ќе помогне на граѓаните кои претрпеа штета во пожарот во населбата Колтук, најави градоначалникот Биљал Касами кој синоќа беше на местото на настанот за да види каква е ситуацијата по гаснењето на огнот.
– Загрижен од пожарот кој зафати неколку куќи во населбата Колтук, затоа веднаш излегов на лице место за да ја увидам ситуацијата. За среќа станува збор само за материјална штета. Сакам да се заблагодарам на Територијалната противпожарна единица која навреме интервенираше и го локализираше пожарот без поголеми последици. Наскоро ќе им помогнеме на граѓаните објави градоначалникот Касами.
Дел од жителите на Колтук по пожарот споделија што се случувало вчера. Така, Ангела Андоновска до редакцијата на МИА напиша дека сопственикот на куќата додека траел пожарот бил се уште внатре и бил спасуван од негов сосед.
– Херој! Во пожарот кој изби во Тетово, јавно сакам нешто да се истакне. Ќе зборувам за храброст. За спасител кој изговори: „Или двајцата ќе излеземе, или никој!” и спаси еден живот. Станува збор за лице М.М кој живее во соседството на лицето чија куќа беше пламносана.
Од СВР Тетово денес соопштија дека во текот на денот ќе се врши увид на местото на пожарот за да се утврдат причините. Пожарот кој започна синоќа околу 19 часот беше целосно изгаснат во 22 часот и 10 минути.