Прашањето за минималната плата останува отворено , одлука утре на седницата на Економско-социјалниот совет

ИЗВОРНов Лист
|

Прашањето дали ќе биде исполнето барањето на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари останува отворено . Синдикатот и Владата вчера се состанаа, но одлуката ќе се носи во среда на Економско-социјалниот совет на кој ќе присуствуваат и работодавачите како трета страна на социјалниот дијалог.

Од Синдикатот бараат зголемување на минималната плата веднаш и спирално зголемување на сите останати плати, а доколку не биде исполнето ова нивно барање, најавуваат штрајк, но не се исклучени и други форми на изразување незадоволство како протести и блокирање улици.

– Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски по вчерашната средба во Владата со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

Минималната плата ќе расте, но системското решение треба да се најде низ дијалог со сите социјални партнери, велат од Владата.

– Вицепремиерот Битиќи, министрите Тренчевска и Алити, во дискусијата за време на состаноците, нагласија дека минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати, наведе владината прес-служба во соопштението испратено по вчерашната средба.

-Нашиот став е дека преку преговори за минималната плата во кои ќе учествуваат Владата, работодавачите и работниците со факти и аргументи треба да дојдеме до решение кое е добро за сите засегнати страни. На овие состаноци ќе го отвориме и прашањето за промена на критериумите за минималната плата, изјави Тренчевска.

Синдикатот бара зголемување веднаш. Смета дека ваквото барање е егзистенцијално имајќи го предвид зголемувањето на трошоците за живот, економската и енергетската криза. Како аргумент плус го посочуваат и тоа дека две минимални плати не се доволни да ги задоволат минималните трошоци на едно семејство. Минатата недела, презентираа и анализа која покажува дека зголемувањето на минималната плата не влијае негативно на фирмите и на нивната профитабилност, туку ја зголемува мотивираноста и продуктивноста кај работниците, а со тоа позитивно влијае и врз профитабилноста на компаниите.