Како дел од активностите за зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ вршат реконструкција на постојната и поставување на нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, соопштија од Град Скопје.
Од Град Скопје информираат дека во употреба се пуштени нови семафори за најава на пешаци на крстосница на улица „Скупи“ со улицата која води кон населбата Бардовци. Поставен е и нов семафорски столб на крстосница помеѓу булевар „8 Септември“ и улица „Скупи“, а на повеќе крстосници со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ се поставени бројчаници на семафорите.
-Дополнително, екипите на ЈП „Улици и патишта“ монтираа нови лантерни на семафорите на крстосницата булевар „Србија“ со булевар „Трета македонска бригада“, а извршија и санација на оштетените светлосни заштитни столпчиња по должината на улицата „Никола Карев“, се вели во соопштението.
Од Град Скопје додаваат дека е санирана и заштитната ограда на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на кружниот тек кај Католичка црква.