Како држава немаме евиденција за бројот на лица со попреченост, ниту пак колку од нив се малолетни, велат од Хелсиншкиот комитет, иако имаме со закон обврска дека на ваквите деца им е потребен личен асистент за нивното образование.
Велат дека случајот со Ембла не буди само привремено, потоа општеството тоне во старите закоравени стереотипи.
Четвртоодделеката Ембла Адеми инаку повторно е меѓу соучениците во ОУ „Башкими“. Таа не го почна второто полугодие во нејзиното одделение поради бојкот на родителите на учениците од паралелката кои се жалеле на агресивност од ова 11-годишно девојче со Даунов синдром.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на Фејсбук соопшти дека на негово задоволство и на задоволство на нејзиното семејство, Ембла продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници.
Шаќири напиша дека Ембла не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие, затоа што, за жал, како што вели, „во нашето општество се уште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби“.
– Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка!, напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.
Единаесетгодишната Ембла вчера, со еден ден задоцнување тргна на училиште, но сама, затоа што родителите на другите ученици од ОУ „Башкими“ во Гостивар ја бојкотирале наставата. Тие во петиција напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја донеле „поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивност“.
Како што објавија медиумите, директорот на ОУ „Башкими“ Зијадин Нуредини изјавил дека се договориле со родителите на Ембла, таа „да циркулира и да ротира во три паралелки“ за да не остане само во една училница. Девојчето го посетиле и претставници на Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“ од каде што изјавиле дека таа никогаш не била агресивна.