Денеска завршува гласањето за избор на македонски претставник на Евровизија 2022

|

МРТ неодамна ги претстави шесте избрани песни во трка за Евровизија 2022, а вечерва дојде време и Македонија да го одбере својот претставник за на ова музичко шоу кое ќе се одржи во Италија овој мај.

Пејачите во борба за пат до Торино се млади, автентични, талентирани и познати лица за македонската јавност и со огромен ентузијазам му пристапуваат на овој нов евровизиски предизвик. Ris Flower, Кали, Yon Idy, Лара, Виктор и Андреа се избраните пејачи и се подготвени целосно да ве освојат.

Покрај талентот и љубовта кон музиката, сите нив ги обединува и возбудата во пресрет на официјалното соочување на нивните евровизиски теми со публиката.

Платформата за гласање е отворена седум дена од промоција на песните, односно од 28.01.2022 во 22:00ч до 04.02.2022 (денес).

Вашите гласови се половина од финалниот резултат, а другата половина ќе се добие од гласови на меѓународно стручно жири. Гласовите од онлајн гласањето и гласовите на меѓународното стручно жири ќе бидат претворени во поени, според евровизискиот принцип на гласање (50:50).

Победник ќе биде изведувачот кој ќе освои најмногу поени и тој ќе ја претставува земјата на Изборот за песна на Евровизија 2022 во Торино. Доколку дојде до изедначен број на поени, тогаш предност ќе има мислењето на меѓународното стручно жири.