Следете ги броилата и пријавете – граѓаните се жалат на високите сметки за струја

|

Од први јануари годинава струјата поскапе за 9,48 проценти, но граѓаните велат дека добиле многу повисоки сметки од најавеното поскапување. Некои од нив се сомневаат дека броилата на струјомерите не им биле навреме прочитани, па биле пресметани паушални суми на сметките.

Во Скопскиот регион регистрирана е зголемена потрошувачка на електрична енергија поради догревање во деловите кои се снабдуваат со топлинска енергија, а според корисниците имаат одреден проблем во снабдувањето и поладни радијатори од вообичаено. Имајќи ги предвид овие фактори, зголемувањето на цената на електрична енергија од 1 јануари годинава, има минимална улога. Колку повеќе потрошени киловат часови се регистрирани, толку поголема е и сметката – објаснуваат од ЕВН, нагласувајќи дека 300 денари плус се однесуваат на просечна сметка од 3.000 денари, но ако се греете на електрична енергија, потрошeните киловат часови се далеку повеќе од 3.000 денари, секако во зависност од видот и бројот на грејните тела и енергетската ефикасност во домот.

Доколку се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб-страницата „ЕВН онлајн“, преку мејл, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енергоцентри на Електродистрибуција, при што надлежните служби ќе ги направат соодветните корекции.